Jump to content

Универзален правилник на однесување/упатства за спроведување

From Wikimedia Foundation Governance Wiki
This page is a translated version of the page Policy:Universal Code of Conduct/Enforcement guidelines and the translation is 98% complete.
Outdated translations are marked like this.
Универзален правилник на однесување

1. Упатства за спроведување на УПО

Овие упатства за спроведување опишуваат како заедницата и Фондацијата Викимедија ќе можат да ги постигнат целите на Универзалниот правилник на однесување (УПО). Меѓу другите теми, ова вклучува: промовирање на разбирањето на УПО, ангажирање во проактивна работа за спречување на прекршувањата, развивање принципи за реакциja на прекршувањата на УПО и поддршка на локалните извршни структури.

УПО се однесува на сите семрежни и вонмрежни простори на Викимедија. Според тоа, спроведувањето на УПО е заедничка одговорност. Во согласност со начелото за децентрализација на движењето, УПО треба да се спроведува на најлокалното можно релевантно ниво.

Упатствата за спроведување даваат рамка за содејствата на сегашните и идните извршни структури, настојувајќи да создадат основа за правично и доследно применување на УПО.

1.1 Преводи на Упатствата за спроведување на УПО

Изворната верзија на Упатствата за спроведување на УПО е на англиски јазик. Ќе биде преведена на различни јазици што се користат на проектите на Викимедија. Фондацијата Викимедија ќе направи сè што може за да обезбеди точни преводи. Доколку се појави некаква разлика во значењето помеѓу англиската верзија и преводот, одлуките ќе се засноваат врз англиската верзија.

1.2 Разгледување на Напатствијата за спроведување на УПО и УПО

Врз основа на препораката на Одборот на доверители, една година по ратификацијата на Напатствијата за спроведување Фондацијата Викимедија ќе одржи консултација со заедницата и разгледување на Напатствијата за спроведување на УПО и УПО.

2. Превентивна работа

Овој дел има за цел да обезбеди упатства за заедниците на Викимедија и поврзаните поединци да бидат свесни за УПО, целосно да го разберат и да се придржуваат до него. За таа цел, во овој дел ќе бидат наведени детали за препораки за подигање на свеста за УПО, управување со преводите на УПО и промовирање доброволно придржување кон УПО онаму каде што е соодветно или неопходно.

2.1 Известување и потврда на УПО

УПО важи за сите кои комуницираат и придонесуваат за проекти на Викимедија. Тој се однесува и на официјални настани со физичко присуство, и поврзани простори кои се вдомени на платформи од трети лица, како основа на однесувањето за соработка на проекти на Викимедија ширум светот.

Препорачуваме УПО да се додаде во Условите за користење на Викимедија.

Дополнително, следниве лица треба да го потврдат своето придржување кон УПО:

  • Целиот персонал на Фондацијата Викимедија и изведувачите, членовите на Одборот на доверители, членовите и персоналот на подружниците на Викимедија;
  • Секој претставник на подружница на Викимедија или аспирант за подружница на Викимедија (како на пример, но не ограничувајќи се на: поединец или група поединци кои сакаат да промовираат и/или да соработуваат во настан, група, студија спонзорирана од Викимедија, или на вики или надвор од вики во истражувачка средина); и
  • Секој поединец кој сака да ја користи трговската марка на Фондацијата Викимедија во настан како што се, но не ограничувајќи се на: настани брендирани со заштитни знаци на Викимедија (како на пример, со нивно вклучување во насловот на настанот) и претставување на организацијата, заедницата или проектот на Викимедија на настан (како на пример, но не ограничувајќи се на презентер или оператор на штанд).

2.1.1 Промовирање свесност за УПО

Со цел да се подигне свесноста, врската до УПО ќе биде достапна на:

  • Страници за регистрација на корисници и настани;

Подножја на проекти на Викимедија и страници за потврда за уредување за одјавените корисници (онаму каде што е соодветно и технички можно);

  • Подножја на мрежните места на признати подружници и кориснички групи;
  • Истакнати на настани со физичко присуство, далечински и мешовити настани; и
  • Секаде на друго место каде што локалните проекти, подружници, кориснички групи и организатори на настани сметаат дека е соодветно

2.2 Препораки за обука за УПО

Комитетот за формирање на Комитетот за координација на УПО (U4C), со поддршка од Фондацијата Викимедија, ќе развие и спроведе обука да обезбеди заедничко разбирање за УПО и вештини за негово применување. Во развојот на обуката треба да се консултираат релевантните засегнати страни, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на: Подружници, Комитетот за врски, арбитражни комитети, надзорници и други напредни носители на права, Екипата за доверба и безбедност и правници, и други доколку се смета дека е корисно за обезбедување целосен преглед на УПО.

Овие обуки се наменети за луѓе кои сакаат да бидат дел од процесите на спроведување на УПО или оние кои сакаат да се информираат за УПО.

Обуката ќе биде поставена во независни модули кои опфаќаат општи информации, утврдување на прекршувања и поддршка, како и сложени случаи и жалби. Откако ќе се воведе првиот U4C, тие ќе ги одржуваат и подновуваат модулите за обука по потреба.

Модулите за обука ќе бидат достапни во различни формати и на различни платформи за лесен пристап. Локалните заедници и подружниците на Викимедија кои сакаат да обезбедат обука на ниво на нивната заедница ќе добијат финансиска поддршка од Фондацијата Викимедија за спроведување на обуката. Ова вклучува поддршка за преведувачи.

Препорачуваме учесниците кои ќе го завршат модулот да имаат можност нивното завршување јавно да се признае.

Се предлагаат следниве групи на обуки:

Модул А - Ориентација (УПО - Општо)

  • Овој модул ќе помогне да се обезбеди заедничко разбирање на УПО и неговото применување
  • Тој ќе објасни концизно што е УПО и каков вид на спроведување ќе се очекува, како и кои алатки се достапни за да помогнат во пријавувањето на прекршувањата

Модул Б - Утврдување и известување (УПО - Прекршувања)

  • Овој модул ќе им даде на луѓето способност да ги препознаваат прекршувањата на УПО, да ги разберат процесите на известување и да научат како да користат алатки за известување
  • Во него ќе се дадат детали за типот на прекршување, за тоа како да се распознаат случаите за известување во нивниот локален контекст, како и каде да се направат извештаи и оптимално постапување со случаите во процесите на УПО
  • Онаму каде што е применливо, обуката ќе се задржи и на одредени делови од УПО, како што се вознемирување и злоупотреба на моќ

Модули В - Сложени случаи, жалби (УПО - Повеќекратни прекршувања, жалби)

  • Овие модули се предуслов за вклучување во U4C и се препорачуваат за потенцијалните апликанти за U4C и за напредните носители на права
  • Овој модул треба да опфати две специфични теми:
    • В1- Ракување со сложени случаи (УПО - Повеќекратни прекршувања): Ова ќе опфати случаи на прекувики, долгорочно вознемирување, утврдување на кредибилитетот на заканите, делотворна и чувствителна комуникација и заштита на безбедноста на жртвите и другите ранливи луѓе
    • В2 - Постапување по жалби, затворање случаи (УПО - Жалби): Ова ќе го покрие справувањето со жалбите на УПО
  • Овие модули ќе бидат предводени од инструктори и приспособени обуки, обезбедени за членовите и апликантите за U4C и функционерите избрани од заедницата кои ја потпишале Политиката за пристап до нејавни лични податоци
  • Кога е возможно, материјалите за овие обуки предводени од инструктор, како што се поединечни модули, слајдови, прашања итн., ќе бидат јавно достапни

3. Реакција

Овој дел има за цел да обезбеди насоки и принципи за обработка на извештаите за прекршување на УПО и препораки за локалните извршни структури кои се занимаваат со прекршувањата на УПО. За таа цел, овој дел детално ќе ги наведе важните принципи за обработка на извештаите, препораките за создавање алатка за известување, предложеното спроведување за различни нивоа на прекршоци и препораките за локалните извршни структури.

3.1 Принципи за поднесување и обработка на прекршоците на УПО

Следниве принципи се стандарди за изветувачки системи ширум Движењето.

Извештаи:

  • Пријавувањето за прекршување на УПО треба да биде можно од целта на прекршувањето, како и од невмешани трети лица кои го набљудувале инцидентот
  • Извештаите ќе можат да ги опфатат прекршувањата на УПО, без разлика дали се случуваат семрежно, вонрежно, во простор вдомен од трето лице или во мешавина од простори
  • Мора да биде можно извештаите да се прават јавно или со различен степен на приватност
  • Кредибилитетот и проверливоста на обвиненијата ќе се испитаат темелно за да се процени правилно ризикот и легитимноста
  • Корисниците кои постојано испраќаат извештаи со лоши намери или неоправдани извештаи ризикуваат да се соочат со губење на привилегиите за известување
  • Обвинетите лица ќе имаат пристап до деталите за наводното прекршување направено против нив, освен ако таквиот пристап би ризикувал опасност или веројатна штета за известувачот или за безбедноста на други лица
  • Ресурсите за превод мора да ги обезбеди Фондацијата Викимедија кога извештаите се обезбедуваат на јазици кои назначените лица не ги зборуваат

Обработка на прекршоци:

  • Исходот ќе биде сразмерен сериозноста на прекршувањето
  • Случаите ќе се судат на информиран начин, што значи со користење на контекстот, врамнотежено во однос на принципите на УПО
  • Случаите ќе се решаваат во доследна временска рамка, со давање навремени известувања на учесниците доколку тоа трае подолго од предвиденото

Транспарентност

  • Кога е возможно, групата која го обработува прекршувањето на УПО ќе обезбеди јавна архива на случаи, притоа запазувајќи ја приватноста и безбедноста во случаите што не се јавни
  • Фндацијата Викимедија ќе објавува статистички податоци за употребата на централната алатка за пријавување предложена во одделот 3.2, притоа почитувајќи ги принципите на минимално собирање податоци и почитување на приватноста.
    • Други групи кои обработуваат прекршувања на УПО се повикуваат да обезбедат основни статистики за прекршувања на УПО и поднесените пријави според нивните можности, притоа почитувајќи ги принципите на минимално собирање на податоци и почитување на приватноста.

3.1.1 Обезбедување ресурси за обработка на предмети

Спроведувањето на УПО од страна на структурите на локалната власт ќе биде поддржано на повеќе начини. Заедниците ќе можат да избираат од различни механизми или пристапи врз основа на неколку фактори како што се: капацитетот на нивните извршни структури, пристапот кон управувањето и приоритетите на заедницата. Некои од овие пристапи може да вклучуваат:

  • Комитет за арбитража (ArbCom) за конкретен проект на Викимедија
  • ArbCom споделен меѓу повеќе проекти на Викимедија
  • Напредни носители на права кои ги спроведуваат локалните политики во согласност со УПО на децентрализиран начин
  • Панели на локални администратори кои спроведуваат политики
  • Локалните придонесувачи ги спроведуваат локалните политики преку дискусија и согласност во заедницата

Заедниците треба да продолжат да се справуваат со спроведувањето преку постоечките средства онаму каде што не се во спротивност со УПО.

3.1.2 Спроведување според вид на прекршувања

Во овој дел се дадени детали за нецелосен список на различни видови прекршувања, заедно со потенцијалниот механизам за спроведување што се однесува на нив.

  • Прекршувања кои вклучуваат закани за секаков вид физичко насилство
    • Со нив постапува Екипата за доверба и безбедност на Викимедија
  • Прекршувања кои вклучуваат судски спор или правни закани
    • Случаите треба брзо да се испратат до правната екипа на Фондацијата Викимедија или, кога е соодветно, до други професионални лица кои можат соодветно да ја проценат основаноста на заканите
  • Прекршувања кои вклучуваат откривање на лично перпознатливи информации без согласност
    • Начелно со нив постапуваат корисници кои имаат дозвола за надзор или за потиснување на уредувањето
    • Со нив повремено постапува Екипата за доверба и безбедност
    • Доколку ваквото прекршување повлекува законска обврска, случајот брзо ќе биде испратен до правната екипа на Фондацијата Викимедија или, кога е соодветно, до други професионални лица кои можат соодветно да ја проценат основаноста на случајот
  • Прекршувања поврзани со управувањето на подружниците
    • Со нив постапува Комитетот за подружници или еквивалентно тело
  • Прекршувања во технички простори
    • Со нив постапува Комитетот за технички правилник на однесување
  • Систематски неуспех да се следи УПО
    • Со нив постапува U4C
    • Некои примери на систематски неуспех вклучуваат:
      • Недостаток на локален капацитет за спроведување на УПО
      • Постојани локални одлуки кои се во спротивност со УПО
      • Одбивање да се спроведе УПО
      • Недостаток на ресурси или недостаток на волја за решавање на проблемите
  • Прекршувања на УПО на вики
    • Прекршувања на УПО што се случуваат на повеќе викија: со нив постапуваат глобалните системски операции и надзорници и телата кои се справуваат со прекршувањата на УПО на една вики или со кои постапува U4C кога не се во спротивност на овие напатствија
    • Прекршувања на УПО што се случуваат на едно вики: Со нив постапуваат постоечките извршни структури според нивните постоечки упатства кога не се во спротивност на овие напатствија
      • Едноставни прекршувања на УПО, како што е вандализам, со нив треба да постапуваат постоечките извршни структури преку постоечки средства, онаму каде што тие не се во спротивност на овие упатства
  • Прекршувања надвор од вики
    • Со нив постапува U4C каде што не постои структура на локално раководење (на пример, ArbCom), или ако случајот е упатен до нив од извршната структура која инаку би била одговорна
    • Во некои случаи, може да биде корисно да ги пријавите прекршувањата надвор од вики до извршните структури на соодветниот простор надвор од вики. Ова не ги спречува постоечките локални и глобални механизми за спроведување да дејствуваат по извештаите
  • Прекршувања на настани и простори со физичко присуство
    • Постојните извршни структури честопати обезбедуваат правила на однесување и спроведување во простори надвор од вики. Тие вклучуваат политики за љубезен простор и правила на конференција
    • Структурите за извршување кои постапуваат со овие случаи може да ги упатат до U4C
    • Во случаи на настани организирани од Фондацијата Викимедија, Екипата за доверба и безбедност обезбедува спроведување на политиката за настани

3.2 Препораки за алатка за известување

Фондацијата Викимедија ќе разработи и ќе одржува централизирана алатка за известување и обработка за прекршувањата на УПО. Со оваа алатка ќе може да се прават извештаи преку МедијаВики. Целта е да се намали техничката попреченост за пријавување и обработка на прекршувањата на УПО.

Извештаите треба да вклучуваат релевантни информации за постапување или да обезбедат документација за случајот. Посредникот за известување треба да му овозможи на известувачот да му испорача детали на секој оној кој е одговорен за обработка на тој конкретен случај. Ова вклучува информации како што се, но не ограничувајќи се на:

  • Како пријавеното однесување го прекршува УПО
  • Кој или што е оштетено од ова прекршување на УПО
  • Датумот и времето кога се случил инцидентот
  • Местото (местата) на инцидентот (инцидентите)
  • Други информации за да им се овозможи на извршните групи најдобро да се справат со ова прашање

Алатката треба да работи според принципите на лесно користење, приватност и безбедност, флексибилност во обработката и транспарентност.

Од поединците задолжени за спроведување на УПО не се бара да ја користат оваа алатка. Тие можат да продолжат да работат со какви било алатки што ги сметаат за соодветни, сè додека по случаите се постапува според истите принципи на лесно користење, приватност и безбедност, флексибилност во обработката и транспарентност.

3.3 Принципи и препораки за извршните структури

Онаму каде што е можно, им препорачуваме напостоечките извршни структури да ја преземат одговорноста за примање извештаи и за справување со прекршувањата на УПО, во согласност со упатствата наведени овде. За да се загарантира дека спроведувањето на УПО останува доследно во целото движење, препорачуваме да се применат следниве основни принципи кога се постапува по прекршување на УПО.

3.3.1 Праведност во процесот

Ги поттикнуваме извршните структури во разработката и одржувањето политики за поддршка при конфликт на интереси. Тие треба да им помогнат на администраторите или на други лица да одредат кога да се воздржат или да се откажат од извештај кога се непосредно вклучени во проблемот.

Сите страни обично ќе имаат можност да го дадат своето гледиште за проблематиката и доказите, а ќе се поттикнуваат и повратни информации од други со цел да се обезбедат повеќе информации, перспектива и контекст. Ова може да биде ограничено заради заштита на приватноста и безбедноста.

3.3.2 Транспарентност на процесот

U4C, во согласност со својата цел и опфат како што е дефинирано во 4.1 ќе обезбеди документација за делотворноста на дејствијата за спроведување на УПО и за нивната поврзаност со вообичаените прекршувања во целото движење. Тие треба да бидат поддржани од Фондацијата Викимедија во спроведувањето на ова истражување. Целта на оваа документација е да им помогне на извршните структури во развивањето најдобри практики за спроведување на УПО.

Проектите и подружниците на Викимедија, кога е можно, ќе одржуваат страници што ги прикажуваат политиките и механизмите за спроведување во согласност со текстот на политиката на УПО. Проектите и подружниците со постоечките упатства или политики што се во спротивност со текстот на политиката на УПО треба да разговараат за промените за да се усогласат со стандардите на глобалната заедница. Подновувањето или создавањето на нови локални политики треба да се направи на начин што не е во конфликт со УПО. Проектите и подружниците може да побараат советодавни мислења од U4C за потенцијални нови политики или упатства.

За разговори специфични за Викимедија кои се случуваат на поврзан простор вдомен на платформи на трети лица (на пример, Discord, Telegram итн.), Условите за користење на Викимедија може да не важат. Тие се опфатени со Условите за користење и правилата за однесување на тоа конкретно мрежно место. Сепак, однесувањето на викимедијанците на поврзан простор вдомен на платформи на трети лица може да се прифати како доказ во извештаите за прекршување на УПО. Ги поттикнуваме членовите на заедницата на Викимедија кои модерираат простори поврзани со Викимедија на платформи на трети лица да го вклучат почитувањето на УПО во нивните политики. Фондацијата Викимедија треба да настојува да поттикнува најдобри практики за платформи на трети лица кои спречуваат продолжување на конфликтите на вики во нивните простори.

3.3.3 Жалби

Против дејствието преземено од поединечен носител на напредни права ќе може да се вложи жалба до локална или заедничка извршна структура освен U4C. Ако не постои таква извршна структура, тогаш жалбата до U4C може да биде дозволена. Покрај овој аранжман, локалните заедници може да дозволат жалби до различен поединечен носител на напредни права.

Структурите за извршување ќе постават стандарди за прифаќање и разгледување на жалбите врз основа на релевантни контекстуални информации и олеснителни фактори. Овие фактори вклучуваат, но не се ограничени на: проверливост на обвинувањата, должината и ефектот на санкцијата и дали постои сомневање за злоупотреба на моќ или други системски прашања, како и изгледите за понатамошни прекршувања. Прифаќањето на жалбата не е загарантирано.

Не се можни жалби против одредени одлуки донесени од Правниот сектор на Фондацијата Викимедија. Меѓутоа, некои службени постапки и одлуки на Фондацијата Викимедија подлежат на преиспитување од Комисијата за разгледување на случаи. Ограничувањето, конкретно за жалби против службени постапки и одлуки, може да не важи во некои земји доколку постојат различни правни услови.

Структурите за извршување треба да бараат информирани гледишта за случаите со цел да се воспостави основа за одобрување или одбивање жалба. Со информациите треба да се постапува чувствително, со грижа за приватноста на вклучените луѓе и процесот на донесување одлуки.

За да се постигне оваа цел, препорачуваме извршните структури да земат предвид различни фактори при разгледувањето на жалбите. Тие може да вклучуваат, но не се ограничени на:

  • Тежината и штетата предизвикана од прекршувањето
  • Претходна историја на прекршувања
  • Сериозноста на санкциите за кои се вложува жалба
  • Период поминат од прекршувањето
  • Анализа на прекршувањето во контакт
  • Сомнежи за можна злоупотреба на моќ или друго системско прашање

4. Комитет за координација на УПО (U4C)

Ќе се формира нов глобален комитет наречен Комитет за координација на универзалниот правилник на однесување (U4C). Овој комитет ќе биде рамноправен со другите тела за донесување одлуки на високо ниво (на пример, ArbComs и AffCom). Неговата цел е да послужи како последно средство во случај на систематски неуспеси од страна на локалните групи да го спроведат УПО. Членството на U4C ќе го отсликува глобалниот и разновиден состав на нашата глобална заедница.

4.1 Цел и опсег

U4C ги следи извештаите за прекршување на УПО и може да спроведува дополнителни истраги и да презема активности онаму каде што е соодветно. U4C редовно ќе ја следи и проценува состојбата со спроведувањето на УПО. Може да предложи соодветни промени на УПО и на Упатствата за спроведување на УПО што треба да ги разгледаат Фондацијата Викимедија и заедницата, но не може самостојно да промени ниту еден документ. Кога е потребно, U4C ќе ѝ помага на Фондацијата Викимедија во справувањето со случаите.

U4C:

  • Постапува по поплаки и жалби во околностите наведени во Упатствата за извршување
  • Спроведува истраги неопходни за решавање на споменатите поплаки и жалби
  • Им обезбедува ресурси на заедниците за најдобрите практики на УПО, како што се задолжителен материјал за обука и други ресурси по потреба
  • Обезбедува конечно толкување на Упатствата за спроведување на УПО и на УПО доколку се појави потреба, во соработка со членовите на заедницата и извршните структури
  • Ја следи и ја проценува делотворноста на спроведувањето на УПО и дава препораки за подобрување

U4C нема да презема случаи кои примарно не вклучуваат прекршување на УПО, или неговото спроведување. U4C може да го делегира своето право за донесување конечни одлуки, освен во случаи на сериозни системски проблеми. Одговорностите на U4C се објаснети во контекст на другите извршни структури во 3.1.2.

4.2 Избор, членство и улоги

На годишните избори организирани од глобалната заедница ќе се избираат членови со право на глас. Кандидат може да биде секој член на заедницата кој, исто така, мора:

  • Да ги исполнува критериумите на Фондацијата Викимедија за пристап до нејавни лични податоци и да потврди во својата изборна изјава дека целосно ќе ги почитува критериумите
  • Во моментот да не е санкциониран во ниту еден проект на Викимедија или да нема забрана за настани
  • Да го почитува УПО
  • Да ги исполнува сите други услови за прифатливост утврдени за време на изборниот процес

Во исклучителни околности, U4C може да распише привремени избори, доколку утврди дека оставките или неактивноста создале итна потреба од дополнителни членови. Изборите ќе бидат во формат сличен на оној на редовните годишни избори.

Поединечни членови на U4C не мора да дадат оставка од други позиции (на пример, локален системски оператор, член на ArbCom, координатор за безбедност на настани). Сепак, тие не можат да учествуваат во обработка на случаи во кои биле директно вклучени како резултат на нивните други позиции. Членовите на U4C ќе ја потпишат Политиката за пристап до нејавни лични податоци за да им овозможат пристап до нејавни информации. Комитетот за формирање на U4C треба да одлучи за соодветните мандати за членовите на U4C.

U4C може да формира поткомитети или да назначи поединци за одредени задачи или улоги доколку е соодветно.

Фондацијата Викимедија може да назначи до двајца членови без право на глас во U4C и ќе обезбеди персонал за поддршка по желба и доколку е соодветно.

4.3 Процедури

U4C ќе одлучува за тоа колку често ќе се состанува и за другите оперативни процедури. U4C може да ги создава или менува своите процедури сѐ додека тоа е во неговиот опсег. Секогаш кога е соодветно, Комитетот треба да бара повратна информација од заедницата за планираните промени пред да ги спроведе.

4.4 Политика и преседан

U4C не создава нова политика и не може да го дополнува или менува УПО. Наместо тоа, U4C го применува и спроведува УПО како што е дефинирано со неговиот опсег.

Бидејќи политиките, упатствата и нормите на заедницата се развиваат со текот на времето, претходните одлуки ќе бидат земени предвид само до оној степен до кој тие остануваат релевантни во тековниот контекст.

4.5 Комитет за формирање на U4C

По ратификацијата на упатствата за спроведување на УПО, Фондацијата Викимедија ќе му овозможи на Комитетот за формирање:

  • Да ги утврди процедурите, политиката и употребата на преседанот на U4C
  • Да подготви нацрт за останатиот процес на U4C
  • Да назначи каква било друга логистика неопходна за воспоставување на U4C
  • Да помогне да се олеснат првичните изборни процедури за U4C

Комитетот за формирање ќе се состои од доброволци-членови на заедницата, персонал од подружници или членови на одбор и персонал на Фондацијата Викимедија.

Членовите ќе бидат избрани од страна на Потпретседателот за отпорност и одржливост на заедницата на Фондацијата Викимедија. Доброволците-членови на комитетот треба да бидат почитувани членови на заедницата.

Членовите ќе ги одразуваат различните гледишта на спроведувачките процеси на движењето со искуство во нешта како, но не ограничувајќи се на, изготвување на нацрт-политики и вклученост во и запознаеност со постоечките правила и политики на Викимедиините проекти како и учественото носење на одлуки. Членовите ќе ја отсликуваат различноста на нашето движење вклучувајќи, но не ограничувајќи се на јазиците кои ги говорат, родот, возраста, географијата и видот на проект.

Работата на Комитетот за формирање на U4C ќе биде ратификувана или од Глобалниот совет или со процес на заедницата сличен на ратификацијата на овој документ. По формирањето на U4C преку работата на овој Комитет за формирање, Комитетот за формирање треба да се распушти.

5. Поимник

Администратор (системски оператор или администратор)
Видете ја дефиницијата на Мета.

Носител на напредни права: корисник кој поседува административни права над вообичаените дозволи за уредување и е генерално избран преку процеси во заедницата или назначен од комитети за арбитража. Ова вклучува, како неисцрпен список: локални системски оператори/администратори, функционери, глобални системски оператори, надзорници.

Комитет за подружници или Affcom
Видете ја дефиницијата на Мета.

Комитет за арбитража или ArbCom
група на доверливи корисници кои служат како група за донесување конечни одлуки за некои спорови. Опсегот на секој ArbCom е дефиниран од неговата заедница. ArbCom може да опслужува повеќе од еден проект (на пример, Викивести и Википатување) и/или повеќе од еден јазик. За целите на овие упатства, ова го вклучува Комитетот за правилник на однесување за технички простори на Викимедија и административни панели. Видете ја и дефиницијата на Мета.

Обврзувачки глаголи
При изготвувањето на Напатствијата за спроведување, нацртната комисија ги смета зборовите „создаде“, „развие“, „спроведе“, „мора“, „произведе“ и „ќе“ за обврзувачки. Споредете го ова со препорачувачки глаголи.

Комисија за разгледување на случаи
Видете ја дефиницијата на Мета.

Заедница
Се однесува на заедницата на проектот. Одлуките донесени од заедницата на проектот генерално се одредуваат со консензус. Исто така, види: Проект.

Прекувики
Влијае или се случува на повеќе од еден проект. Исто така, види: Глобално.

Координатор за безбедност на настан
лице назначено од организаторите на настан со физичко присуство поврзан со Викимедија како одговорно лице за безбедноста и сигурноста на тој настан.

Глобално
Се однесува на сите проекти на Викимедија. Во движењето Викимедија, „глобално“ е жаргонски термин кој се однесува на раководните тела во целото Движење. Генерално се користи како спротивност на „локално“.

Глобални системски оператори
Видете ја дефиницијата на Мета.

Тело за донесување одлуки на високо ниво
Група (т.е., U4C, ArbCom, Affcom) над која не може да има жалба. Различни прашања може да имаат различни тела за донесување одлуки на високо ниво. Овој термин не вклучува група корисници кои учествуваат во дискусија организирана на огласна табла што резултира со одлука, дури и ако резултатите од таа дискусија не можат да се обжалат.

Локално
Се однесува на еден Викимедиин проект, подружница или организација. Овој термин обично се однесува на најмалиот, најнепосредниот управен орган применлив за ситуацијата.

Надвор од вики
Начелно се однесува на семрежни простори кои не се вдомени од Фондацијата Викимедија, дури и ако се присутни членови на заедницата на Викимедија и активно го користат просторот. Примери на простори надвор од вики вклучуваат Twitter, Whatsapp, IRC, Telegram, Discord и други.

Лично препознатливи информации
е секој податок што потенцијално би можел да идентификува одредено лице. Секоја информација што може да се користи за да се разликува едно лице од друго и може да се користи за деанонимизирање на претходно анонимни податоци се смета за ИЛИ.

Проект (проект на Викимедија)
Вики управувано од WMF.

Препорачувачки глаголи
При изготвувањето на Напатствијата за спроведување, нацртната комисија ги смета зборовите „поттикне“, „може“, „предложи“, „препорача“ и „треба“ за препораки. Споредете ги со обврзувачките глаголи.

Поврзан простор вдомен на платформи на трети лица
Мрежни места, вклучително и приватни викија, кои не се управувани од WMF, туку каде што корисниците разговараат за проектни прашања релевантни за Викимедија. Честопати модерирани од доброволци на Викимедија.

Персонал
Вработени и/или членови на персоналот назначени во организација на Викимедииното движење или изведувачи на таква организациска работа на движењето чија работа подразбира содејствување со членовите на Викимедиината заедница или во просторите на Викимедиината заедница (вклучувајќи простори на трети лица како платформи вон викија посветени на активности на Викимедииното движење).

Надзорник
Видете ја дефиницијата на Мета.

Системски проблем или неуспех
Прашање за кое постои шема на непочитување на Универзалниот правилник на однесување со учество на повеќе луѓе, особено оние со напредни права.

Политика на службени постапки на Фондацијата Викимедија
Политиката изнесена на Мета или еквивалентна политика што ја заменува.